Заменик-министерот за екологија, Јани Макрадули, и вечерва преку Фејсбук не извести дека се уште е во Германија во потрага по чист воздух за Македонија.

Вчера Макрадули се јави исто така од Германија, но од Бон, денеска не информира дека е во градот Есен.

– Денес, посета на Агенцијата за животна средина во Есен. Договор за соработка во делот на мониторингот на квалитетот на воздухот. Спроведување на мерења со нови технологии и политики врз база на податоци добиени исклучиво од квалитетни и доверливи сензори, извести Макрадули преку Фејсбук.

И додека Макрадули мака мачи да најде „исклучиво квалитетни и доверливи сензори“ и вечерва мерните станици, со какви такви сензори, покажуваат дека загаденоста на воздухот е и повеќе од шест пати над дозволената граница.

Вечерва околу 22 часот најтешко дишат во Куманово, каде концентрацијата на ПМ 10 честички е повеќе од 6 пати над дозволената граница. Погледнете ги фотографиите под текстот на кои Макрадули денеска во Есен бара „квалитетни и доверливи сензори“, а потоа погледнете и каков воздух дишите на табелата со состојба од 22 часот.

А тие што сакаат да дишат чист воздух, а и да се присетуваат на блиското минато, погледнете фотографии од протести на кои и актуелниот заменик-министер, како и останатите негови партиски колеги од тогаш опозицискиот, а сега владејачки СДСМ, шетаа низ Скопје со заштитни маски оти не го поднесуваа „режимскиот воздух“ на претходната власт. И ветуваа кога ќе дојдат на власт ќе има ајро за сите.