Со денешната ратификација на Протоколот за НАТО во бугарскиот Парламент ја покажавме решеноста да продолжиме да ги решаваме проблемите во регионот и да се грижиме за колективната безбедност, не само во нашиот регион, туку и во цела Европа, изјави претседателката на Собранието на Бугарија Цвета Карајанчева, по средбата во Софија со македонскиот собраниски спикер, Талат Џафери.

Таа меѓу другото истакна дека Софија и Скопје можат да се гордеат со потпишаниот договор за пријателство и добрососедство, со кој, подвлече, покажаае дека ги бараат допирните точки на согласност и разбирање. Го поздрави и потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, што, според неа, е показател за неповратливите на европските процеси во регионот.

– Заедно можеме да бараме решенија и патишта за приоритетите, кои Бугарија веќе ги одбележа за време на своето европретседавање – за транспортна поврзаност, за нова евроструктура, инвестиции во енергетиката и туризмот, рече меѓу другото Карајанчева.

Џафери упатувајќи благодарност за денешната ратификација, потенцира дека по долги години чекање пред вратите на НАТО, најпосле, Алијансата за нас стана реалност.

– Уверен сум дека со Бугарија покрај нас е силна гаранција дека и ние како држава, но и целиот Балкански регион ќе се движиме во вистинската насока која носи мир, стабилнсот, напредок и благосостојба. Добро е да имаш искрени пријатели, но чувството е уште подобро кога се наши соседи, изјави Џафери.

Парламентот на Република Бугарија денеска го ратификува Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. За ратификацијата гласаа 140 пратеници, а против и воздражни немаше.ц