Бројката на новозаразени со коронавирус во Словенија, како и сите други показатели за епидемијата, денеска и натаму продолжија да паѓаат, а владата најави дека ќе разговара за делумно ублажување и прилагодување на мерките на новонастанатата ситуација.

Во изминатото деноноќие од 1.062 ПЦР тестови и 48.983 брзи антигенски тестови, потврдени се 3.601 инфекција со коронавирус, па во моментов во земјата има 140.334 активни инфекции, што е за 4/938 случаи помалку од претходниот ден, а починале седум пациенти, соопшти Националниот институт за јавно здравје.

Падот на заразите е изразен и на неделно ниво, а во тренд на смирување на петтиот бран на епидемијата се и другите податоци за епидемијата. Опаѓаат и седумдневниот просек на заболени, што на дневно ниво е 7.310, како и 14-дневната инциденца е со 6.665 потврдени инфекции на сто илјади жители.

Во болниците во моментов има 782 пациенти со Ковид-19, од кои 133 се тешко болни на одделенијата за интензивна нега.

Состојбата со бројот на хоспитализирани во моментов е стабилна, а владата наскоро со епидемиолозите ќе разговара за можното усогласување на досегашните мерки.

Матеја Логар, кој ја предводи владината експертска група „Ковид-19“, изјави за Словенечкото радио дека општите антиепидемиолошки мерки, носење маски, дезинфекција, држење растојание, вентилација и работа од дома сигурно нема да се променат во наредните недели.

Таа, меѓутоа, додаде дека може да се очекува делумно олеснување на мерките онаму каде што има краткотраен контакт меѓу корисниците и давателите на услуги во ваквите активности, доколку просторните услови се такви да нема преголема турканица.

-Исто така, може да дојде до релаксација за активности на отворено, додаде таа.