Во рамки на меѓународната соработка во областа на Community Policing, организирана од страна на Japan International Cooperation Agency (JICA), во периодот од 12 до 30 мај 2026 година во Токио, Јапонија, беше реализирана студиска посета и обука посветена на современите концепти и практики на полициското работење во заедницата.
Обуката обедини претставници од повеќе земји и овозможи размена на искуства, добри практики и современи пристапи во градењето доверба меѓу полицијата и граѓаните.


Од страна на јапонските институции беше претставен нивниот модел на Community Policing преку теоретски предавања, практични примери и симулации на реални ситуации, како и преку студиски посети на полициски станици, Полициската академија во Токио, Кобан полициските пунктови, Центарот за борба против малолетничка деликвенција, Командно-информативниот центар и други организациски единици на јапонската полиција. Учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со функционирањето на јапонската полиција, нејзините превентивни активности и моделот на полициско работење во заедницата.


-Во рамки на обуката беше реализирана и презентација на македонските искуства во Community Policing, при што беа претставени активностите што ги спроведува Секторот за полициски работи од општа надлежност во насока на проактивно и превентивно полициско работење. Посебен акцент беше ставен на проектите насочени кон младите, активностите за спречување на семејното насилство, како и практиките за укажување прва медицинска и психолошка поддршка од страна на полициските службеници при несреќи, со цел јакнење на довербата во полицијата и унапредување на партнерството со заедницата. Особено внимание кај учесниците предизвика новата превентивна кампања „Одговорно слави го успехот“, наменета за матурантите. Голем интерес предизвикаа и симболичните подароци во вид на магнети со позитивни и мотивациски пораки, преку кои полицијата ги охрабрува младите на одговорно однесување за време на прославите. Кампањата беше оценета како иновативна и ефективна превентивна алатка, а особено внимание привлече кај претставниците на јапонската полиција, кои изразија интерес за нејзина адаптација и примена во Јапонија, велат од МВР.

Учеството на Министерството за внатрешни работи на оваа меѓународна обука претставува значајна можност за промоција на успешните македонски практики во областа на Community Policing, како и за понатамошно унапредување на меѓународната соработка и размена на искуства во насока на развој на модерна, проактивна и граѓански ориентирана полиција.




