Својствено е за политичките кампањи да се велича целта која е зацртана, но предозирањето на фалбите ги прави смешни дозирачите, а граѓаните ги става во заблуда. Или со народски јазик кажано: дозирачите го лажат народот. Деновиве ќе слушаме многу такви предозирани турлитави…
Едно од таквите обраќања се случи во Битола, каде вечерва јавна трибина имаа Стево Пендаровски, национален координатор за членство на Македонија во НАТО, и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
– На 30 септември ќе гласаме за навек да ја утврдиме македонската државност во целиот свет, рече Пендаровски.
Според него ваква шанса оваа генерација нема да има повторно и затоа „не смееме да дозволиме да бидеме изолирана мала енклава на Балканскиот Полуостров, кој се уште е турбулентен“.
– Нашето асоцирање во ЕУ и НАТО е единствен крупен стратешки проект за кој во Македонија, во мнозинство се согласни сите етнички заедници, и затоа во овој момент има поддршка од 31 политичка партија и 102 невладини организации. На ова прашање треба сите да бидеме на иста страна и на 30 септември да гласаме за европска Македонија, им порача Пендаровски на битолчани.
Што е тука спорно? Од каде му толкава видовитост на Пендаровски да „предвидува нешта за навек“? И дека ваква шанса нема да се повтори за навек? И не знае ли координаторот Пендаровски дека во таа „мала балканска енклава“ се и Австрија и Швајцарија, што се однесува до членство во НАТО, а Швајцарија, Норвешка, Исланд, па Велика Британија… се „мали балкански енклави“ во однос на членството во ЕУ? Зошто поради туркање на капитулантскиот договор со Грција, мора граѓаните да се лажат и заплашуваат со „енклави“ за навек!?
Во желбата да и се помогне на СДСМ и владејачката гарнитура, која на сила го турка договорот со Грција за смена на името на Република Македонија, за жал, уште повеќе ги излажа битолчани нивната градоначалничка Петровска.
Таа на вечерашната трибина нагласи дека „брзиот влез во ЕУ и НАТО ќе го спречи иселувањето на младите и ќе донесе свеж капитал и инвестиции во градот“.
– Подобра перспектива на овој македонски простор можеме да направиме ако обезбедиме безбедност на капиталот и да овозможиме доаѓање на свеж капитал во нашиот град. Тоа е можно со членството во ЕУ и НАТО, а тоа, пак, е директно поврзано со нашата економија и нашиот економски развој. Битола како поднебје има свои природни вредности и е интересен град за цел свет, а со брз влез во ЕУ тогаш лесен ќе биде одговорот на прашањето каде ќе се пласираат бистричките праски, цапарските компири или младо сирење од Ниже Поле. Пазарот ќе биде отворен, нашиот производ ќе добие повисока цена, ќе има подобра егзистенција и перспектива. Со влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, Битола ќе го добие сјајот што го заслужува, истакна Петровска.
Зошто госпоѓата Петровска си ги лаже сограѓаните? Кој брз влез во ЕУ и НАТО? За колку години е „брзиот влез“? Кажете им точно на производителите на бистрички праски, на цапарски компири и на тие што произведуваат младо сирење во Нижо Поле.
Дали градоначалничката од неупатеност или пак свесно ги лаже битолчани и другите граѓани дека со влезот во ЕУ и НАТО ќе се спречи иселувањето на младите. За навек, што би дополнил предалеку гледиот Пендаровски. Но, дали од незнаење или намерно, сепак, фактите говорат дека градоначалничката Петровска ги залажува своите битолчани.
Ако малку се потруди, може и да им се извини, и да им ја каже вистината: Факт е дека најголемо иселување на младите се бележи по влезот во ЕУ и НАТО, затоа што граѓаните добиваат можност за полесно движење и барање подобра работа, подобра егзистенција и повисок стандард. Можеби градоначалничката Петровска ќе најде и други земји, но драстични примери за големо иселување по влезот во ЕУ и НАТО се: соседна Бугарија, Романија, Хрватска, Полска итн.
Господа, функционери, граѓаните ја заслужуваат вистината. Дури и во време на кампања, па дури и кога се работи за ЕУ и НАТО. А вистината е дека евроатлантските асоцијации ги злоупотребувате како обланда во кампањата за да им го подметнете на граѓаните понижувачкиот договор што го прифативте со Грција и смената на името на државата во Република Северна Македонија.