Германската Влада го прифати предлогот на министерот за здравство Јенс Шпан за воведување задолжителна вакцинација против сипаници.
Децата во Германија во иднина ќе мора да бидат вакцинирани против сипаници пред да почнат да одат во градинка или јасли.
Родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца, според нацрт законот, ќе бидат казнети до 2.500 евра, а децата ќе бидат одбиени за упис во градинка.
Задолжителната вакцинација ќе важи и за лицата кои работат во такви установи, како и во сместувачките капацитети за бегалци и медицинскиот персонал.
Од задолжителната вакцинација се ослободени само лицата кои од медицински причини не поднесуваат никакви вакцини и сите кои се родени пред 1970 година, бидејќи има голема веројатност да „прележале“ сипаници, а со тоа и да стекнале имунитет.
Законот за задолжителна вакцинација треба да стапи на сила од март следната година.