Со интонирање на химната на Европската Унија пред зградата на Општина Битола избрканиот наставнички кадар, кој повеќе од пет месеци бараат образложение, повторно побараа одговор и средба со градоначалничката Наташа Петровска.
– Најголема благодарност до градоначалничката на Општина Битола затоа што и покрај толку обиди да се сретнеме не не удостои со средба, ниту пак објаснување. Како некој кој потекнува од оваа професија очекувавме повеќе разбирање и почит. Со композицијата „Ода на радоста“ сакаме уште еднаш да изразиме голема благодарност и да кажеме дека само тоа ни остана – да си свириме, вели Гордана Јоначиќ, избркана наставничка.
Избрканите 75 наставници, воспитувачи, негувателки, професори обвинуваат дека на нивно место се вработени нивни колеги кои немаат положено приправнички испит, а според законот предност имаат кандидатите со положен испит.
– Слушавме за животот кој требаше да дојде, дека треба да се почитуваат моралните вредности кои ги претпочита Европската унија, но ништо од тоа. Денес, бидејќи и евроамбасадорот Жбогар е во Битола се надеваме дека, знае дека ќе се сретне со градоначалник кој што пет месеци не најде пет минути да ни одговори на нашите прашања. Градоначалник кој остави 75 семејства на улица, порача Марина Стефанова Јовчева.
Од кабинетот на градоначалникот првично испратија кратко соопштение дека денешниот ден е однапред договорен за средби на градоначалничката, па ги повикаа невработените учители да се обратат до кабинетот и да договорат термин за средба во текот на следната недела.
На денешната средба со евроамбасадорот на новинарско прашање Петровска им одговори на наставниците.
– Да достават официјално барање за средба со мене, да не биди вака да се преслушуваме едни со други преку медиумите. Останувам отворена за средба со нив за да директно ги слушнам нивните проблеми, доколку постојат. Во минатото факт е дека постоеја тн. вештачки часови на кои беа ангажирани лица кои во сегашнава учебна година беа елиминирани, истакна градоначалничката
Со изведбата на „Ода на радоста“ пред зградата на Општина Битола избрканите наставници се заблагодарија на локалната власт за тоа што не издвоила време да се сретне со нив.