Автобуски превозници од Битола денеска протестираат пред општинската зграда.

Тие се незадоволни од општинската одлука во врска со одредените цени, поради што револтот го искажаа со паркирање на автобусите пред општинската зграда, долж булеварот Први Мај.

Автобуските превозници во писмен допис до Општината соопштија дека не биле воопшто консултурани за измената на тарифите и дека предложените цени се економски неисплатливи.

Утрово градоначалничката Наташа Петровска пред седиштето на општината ја пречекаа паркирани автобуси, а „добро утро“ и посакаа поголем број на незадоволни превозници.

Девет битолски автобуски компании протестираа против најавените измени во тарифникот за превоз на ученици. Тие денеска ги откажаа и редовните линии на градскиот превоз. Превозниците велат дека новите цени се целосно економски неисплатливи.

– Никој не нè удостои од Општина Битола да ни каже како го утврдија тој тарифник. Можам да кажам дека ако била фактурата 120.000 денари месечно, сега треба да падне на 30.000. Одржувам три линии во кои се шест возачи, три возила, дневно трошиме по околу 200 литри гориво. Новиот тарифник за нас не е исплатлив. Има села како Братиндол каде две деца се и за која пара ние четири пати во денот да одиме дотаму? Ние не сме ни СДСМ, ни ВМРО-ДПМНЕ, овде може има и од двете партии по свое убедување, но овде се работи за живот. Немаме пари плати на шоферите да им дадеме, леб дома да однесеме, вели Пеце Стојчевски од „Лука експрес“.

Превозниците се жалат дека месечниот билет од 600 денари ќе значи да возат во еден правец за 12 денари, што е неисплатливо во услови кога растат цените на горивото.