Најмалку 20 луѓе беа повредени синоќа за време на протестот пред собранието и владините згради во Приштина, каде што дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата.

Меѓу повредените има шест полицајци, додека извесен број граѓани побараа медицинска помош. Полицијата употреби солзавец и водни топови за време на немирите, додека демонстрантите фрлаа камења и пиротехнички средства и палеа контејнери.

Протестите беа организирани поради барањето за итно усвојување измени во законот поврзан со Специјализираните совети во Хаг, по пресудите против поранешните водачи на ОВК. Пратениците ги усвоија амандманите во прво читање, но не беше постигнат договор за второто гласање.

Организаторите најавија продолжување на протестите и денеска.

Платформата „Не во мое име“ повторно повика на протест денеска напладне, со барање измените на Законот да бидат усвоени во Собранието на Косово во второ читање. Протестот е закажан на плоштадот Скендербег во Приштина.

Во исто време, организацијата на воени ветерани од ОВК повика на протест кој започна во 9 часот утрово.

Во моментов нема голем број полицајци пред владините згради и Собранието на Косово. Според приштинските медиуми, припадници на специјалните сили на полицијата биле забележани во владини згради.