Дарко ЈАНЕВСКИ

Една од првите одлуки на ЦК на обновеното ВМРО по првата светска војна, во јануари 1919 година, кога ВМРО го презема Тодор Александров (роден на денешен ден во 1881 година во Штип), во почеток заедно со Протуѓеров и Чаулев, е секој месец да му се дава парична помош на таткото на Гоце Делчев, Никола Делчев.

Месечната помош, според одлуката на ЦК, ќе му се дава се до создавање подобри услови за живот, а поради големото поскапување на животот, што оневозможувало Никола Делчев да го прехранува своето семејство со неговата мала, народна пензија.

Месечната помош што била одредена од ВМРО на Александорв изнесувала 500 лева.

Прилично е тешко да се одреди колку била вредноса на тие пари, бидејќи во Бугарија во тоа време владее голема инфлација, како последица на војната (исто како и во Германија), а вредноста на левот паднала во однос на предвоените времиња (кога велиме предвоени мислиме и на Балканските војни од 1912/13 година) за 14 пати. Според други податоци, вредноста била помала за дури 27 пати.

Всушност станува збор за енормно печатење на пари од страна на тогашните бугарските власти, кои пред почетокот на Балканските војни го напуштаат златниот стандард за вредноста на левот и се преоѓа на печатење на парите според потребите, што всушност значи дека се извлекуваат пари од бугарските граѓани кои осиромашуваат и на тој начин ги финансираат погрешните политики на бугарската влада во тие воени години.

Сепак, најблиску што може да се добие некаков впечаток е од 1923 година кога бугарскиот лев се врзува за доларот во висина од 137 лева за еден долар (истата година Германија преоѓа кон златна марка, откако инфлацијата достигнала такви размери што плата на работниците им се исплаќала два пати дневно – во 13 часот по што им се давал еден час пауза за да можат да купат нешто и вториот дел од платата по завршување на работното време).

Доларот од таа 1923 година, со пресметување на инфлацијата, денес вреди 15,3 долари, па 500-тините лева за таткото на Гоце Делчев имале вредност од тогашни четири долари или денешни 60 долари. Тоа можеби ви изгледа малку, но треба да се земе в предвид дека вредноста на животните намирници во тоа време во Бугарија навистина била мала. Ако вреди за некаква споредба, пред десетина година, односно во 2010 година, пензија на учителка по француски јазик во Бугарија изнесуваше 70 евра.

Но, многу е веројатно дека тие 500 лева во 1919 година имале многу поголема куповна моќ од денешните 60-тина долари.

Впрочем, тоа може да се види од точката 3 од записникот, кога за да ја доврши учебната година, на ќерката на загинатиот војвода Коце Пејков и биле одредени 780 лева за период од шест месеци, односно месечно по 130 лева.