Во Центарот за отвореност и дијалог во Тирана отворена е изложба со 50 фотографии, визуелни докази за руската агресија врз украинскиот народ, дел од истоимената книга на групата фоторепортери од целиот свет, објавија албанските медиуми.
На отворањето, премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека оваа изложба доаѓа во пресрет на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Тирана, кој ќе биде дел од Самитот за Украина и самитот на земјите од регионот на Западен Балкан на 28 и 29 февруари.
– Посета која е, од една страна билатерална, но од друга страна и посета која ќе кулминира со Самит на земјите од Југоисточна Европа за Украина, каде што ќе имаме поканети значителен број лидери на оваа област на Европа и каде што претседателот Зеленски е секако со нас како коорганизатор заедно со мене, за оваа активност која во денешниот контекст, според мене, има посебно значење, рече Рама.
Тој уште еднаш ја повтори поддршката и солидарноста на Албанија кон украинскиот народ.
– Како што знае светот, Албанија стои рамо до рамо со Украина, заедно со целата алијанса на земји кои избраа да ја гледаат иднината и заедно да градат иднина каде што секоја земја и секој народ и секој поединец има право на слобода, право да се живее како рамноправен под чадорот на законот и демократскиот Устав додека руската агресија врз Украина е обид да се наметне правото на живеење во минатото и е судир меѓу, всушност, два света, додаде Рама.