Грчкото обвинителство денеска наложило покренување кривична истрага поради порака со закани до пратениците од партијата Независни Грци во која тие се повикуваат да не гласаат за договорот од Преспа.

Налог за покренување истрага бил издаден откако два грчки портала објавиле дека пратениците добиле заканувачки текстуални пораки, во кои од нив се барало да гласаат против спогодбата за промена на името на БЈР Македонија, објави Ројтерс, повикувајќи се на судски извори.

Целта на истрагата е да се утврди дали дошло до злоупотреба на лични податоци и поттикнување на престап, објаснува изворот.

Порталот Документо наведува дека членот на регионалниот одбор на партијата Нова демократија, Спирос Аврамакос, побарал од лицата на кои им испратил порака да им се заканат на пратениците да не го поддржат договорот од Преспа, наведувајќи имиња и броеви на телефони на пратениците за кои се очекува дека ќе гласаат во корист на спогодбата со Скопје, пренесува АНА.

Грчката влада се надева дека спогодбата ќе биде усвоена во парламентот со поддршка од пратениците од левиот центар и независните пратеници. Владејачката коалиција на левицата и десницата има тенко мнозинство од 153 пратеници од вкупно 300 колку што има грчкиот парламент, од кои седум се од Независни Грци.