Претседателот на Иран, Хасан Рохани денеска им нареди на безбедносните сили да ги идентификуваат одговорните за денешниот напад што се случи на воената парада во градот Ахваз, при што загинаа најмалку 24 луѓе, а 53 се повредени.

Претходно, шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф истакна дека државата треба да одговори брзо и одлучно.

– Регрутирани терористи, тренирани, вооружени платеници на странски режим извршија напад во Ахваз. Иран ќе одговори брзо и одлучно, бранејќи ги животите на Иранците, напиша Зариф на Твитер.

Според локалните медиуми, двајца напаѓачи, кои биле зад бината почнале да пукаат кон учесниците и гледачите на парадата. Потоа се обиделе да пукаат кон личностите кои биле на сцената, но тогаш биле неутрализирани од силите на редот.

Иранските медиуми наведуваат дека најверојатно напаѓачите се повредени.

– Голем број цивили, меѓу кои и жени и деца кои дошле да ја гледаат парадата се меѓу жртвите на нападот, објави државната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на неименуван функционер.

Одговорноста за нападот ја презеде и антивладината арапска организација Национално движење на Ахваз, но и Исламска држава.

Портпаролот на иранската Револуционерна гарда најави одмазда, додавајќи дека членовите на Движењето се обучувани од две арапски земји од Персискиот Залив и оти е поврзано со САД и Израел.

Претходно, ИД преку соопштение ја презеде одговорноста за нападот во Ахваз.

– Борците на ИД ја нападнаа воената парада во градот Ахваз, се наведува во соопштението на џихадистичката група.