Американскиот државјанин Кирило Александров, кој беше приведен од руските сили во Украина поради сомневања за шпионажа, евакуиран е во Полска, заедно со два члена на неговото семејство, соопшти денеска приватната волонтерска група „Проџект Дајнамо“ што издејствувала нивно ослободување.

Александров (27) заедно со сопругата и нејзината мајка, се последните од 600-те лица ослободени преку такви посреднички мисии реализирани од „Проџект Дајнамо“, групата од Флорида формирана минатата година за спасување на Американци и други лица од Авганистан.

Александров, роден во Мичиген и преселен во Украина, кон крајот на март бил уапсен во близина на Херсон, при обид заедно со неговите блиски да го напуштат регонот после офанзивата на руските сили во јужна Украина.

Според соопштението од групата, руските сили го држеле Александров заради наводни шпионски активности во корист на американските власти, за кои од групата се посочува дека се измислица.

Американецот со украинско потекло бил испрашуван и преодреден за префрлање во Москва, каде би одговарал за пропагандни активности, се посочува во соопштението на „Проџект Дајнамо“.

Деталите за настанот се уште не се потврдени од американските власти, а руската Амбасада во Вашингтон се уште не одговорила на барањата за коментар.