Русија тврди дека уништила противракетни системи С-300 во Украина што Киев ги доби од една европска држава, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, како и дека руските сили собориле два авиони Су-25.

Руското МО тврди дека ракети „Калибар“ лансирани во неделата уништиле четири лансери С-300 сокриени во хангар во предградие на Дњипар.

Во нападот биле погодени 25 украински војници, тврдат воените власти во Москва.

Притоа руската страна не наведува од која европска држава се испорачани системите С-300.

Словачка која донираше свои противракетни системи С-300 вчера ги отфрли информациите дека се погодени нивните ракетни системи односно дека руските информации се лажни.

Руското МО уште соопшти за два соборени воени авиони Су-25 во близина на градот Изјум како и уништување на две складишта со муниција од кои едното во близина на градот Миколајев во јужниот дел на Украина.