Министерството за образование и наука даде согласност за користење на Букварот на албански јазик во Македонија, кој месецов беше презентиран како заеднички буквар на Албанија и Косово.
– Особено задоволство ми е да ја споделам со вас информацијата за давање согласност за употреба на Буквар за ученици од прво одделение на албански наставен јазик во учебната 2022/2023 година. Министерството за образование и наука даде согласност за користење на материјалот составен од авторите Мимоза Ѓокутај, Саранда Кумнова, Насер Забели и Тереза Бабасули, кој е посветен на првачињата запишани во училиштата каде што наставниот јазик е албански, објави министерот Јетон Шаќири на својот официјален профил на Фејсбук.
Тој во објавата на Фејсбук, на која е фотографиран со вицепремиерот Артан Груби, објасни дека МОН и во иднина ќе ја поддржи секоја иницијатива за употреба на дидактички материјали кои се од интерес на учениците и помагаат во остварување на целите дефинирани со наставните планови и програми.
Овој Буквар беше изготвен како резултат на соработката на министерствата за образование на Албанија и Косово и веќе е во употреба во училиштата во овие соседни земји.