Ја добивме довербата од сојузниците – Министерството за одбрана годинава ќе биде домаќин на најголемата конференција за стратегиски комуникации на НАТО, објави денеска министерката за одбрана во оставка, Радмила Шекеринска.

– На конференцијата која ќе се одржи наесен, во Скопје ќе пристигнат околу 500 НАТО експерти за стратегиски комуникации од сите земји – членки на Алијансата и од околу 40 партнерски земји, објави Шекеринска на својот официјален профил на Фејсбук.

Конференцијата претставува годишен форум на кој се разговара за комуникациските функции и планови на Алијансата, а се разменуваат и искуства и научени лекции за актуелните и идните предизвици во областа на стратегиските комуникации.

Како што наведува Министерството во денешното соопштение, довербата од сојузниците да ја организира оваа конференција во Скопје, ја доби во 2020 година, но нејзината реализација беше одложена поради рестрикциите предизвикани од КОВИД-пандемијата. Во 2020 и во 2021 година конференцијата се одржа со видеоконференциска врска.