Македонија по децении уназадување конечно го отвори патот кон членството во НАТО и ЕУ, решавајќи го најголемиот надворешно-политички проблем, и отворајќи перспективи, беше истакнато денеска на заедничката прес-конференција.

На истата учествуваа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, откако македонското Собрание во петокот вечерта ги усвои уставните измени што произлегуваат од Договорот од Преспа.

Шекеринска рече дека за помалку од една година Македонија го промени впечатокот на надворешно-политички план, затоа што, како што рече, не калкулирале со лични и партиски интереси, и поради фактот дека Македонија нема децении за губење.

– Ова е голем пробив што нуди можност за нашата земја и за граѓаните и покажавме за кусо време дека Македонија успеа да направи промена што ја забележа целиот свет. Измината година не беше лесна за нас, но овој успешен пат покажа дека Македонија е способна за голем пробив, рече Шекеринска.

Таа истакна дека Македонија го обезбеди заслужено своето место на масата на сојузниците на НАТО.

– Сега сме на почетокот на нов пат и не чека успешна работа. Членството во НАТО е гаранција за стабилност, неменливост на границите и дава гаранции на сите сегашни и идни инвеститори, подобро платени и повеќе работни места. Оваа шанса како држава треба да ја искористиме, посочи таа.

Рече дека сега од Македонија се очекува да се насочи на реформите, социјалната сигурност, и економскиот раст, и оти по 12 години стагнација овие реформи бараат и време и напор, и затоа Владата ќе ја насочи цела енергија кон реформските процеси.

Шекеринска истакна дека сега не очекува многу работа и за членството во НАТО, при што се очекува и брза и амбициозна агенда за пристапувањето на земјава и од страна на нашите сојузници.

– Оваа година кога е 70. роденден на Алијансата, нашата земја успева да седне на масата на НАТО како една од 30-те нејзини членки, заклучи Шекеринска.

Вицепремиерот Османи, оцени дека сите заедно направивме историски успех – политичарите, граѓаните и сите што ја чувствуваме земјата како своја што посакуваме стабилна и безбедна иднина за нашите деца.

– Македонија сега е целосно ослободена и заштитена од  геополитички игри од големите центри на моќ што се претставуваат закана врз безбедноста на целиот регион. Преговорите со кои Македонија станува држава членка на ЕУ ќе значат европски стандарди во администрацијата, европски стандарди во владеењето на правото, стандарди во образованието, здравството, уметноста, културата…, истакна Османи.

Тоа, посочи, ќе значи и подобри услови за водење бизнис, подобра бизнис клима за претприемачите, поквалитетен животен стандард.

– Стандардите ќе ги носиме тука, за нашите деца да останат тука, да не ги бараат надвор од земјата, додаде Османи.