Од најголема важност е земјите од Западен Балкан, по 20 години давање европска перспектива, да добијат веродостојно ветување дека ќе им се даде можност да влезат во ЕУ, истакна денеска во Брисел германскиот канцелар Олаф Шолц.
Пред Самитот на ЕУ тој кажа дека шефовите на држави и влади на Унијата денеска имаат важна дискусија со земјите од Западен Балкан.
-Граѓаните на Западен Балкан веќе 20 години чекаат можност да станат членки на ЕУ. Од најголема важност е тие да добијат веродостојно ветување по многуте напори што ги направија на патот. Германија чувствува одговорност да им даде можност на земјите да се приклучат, рече тој.
Шолц додаде дека на земјите од регионот во 2003 година, на самитот во Солун, им било ветено дека ќе станат членки на ЕУ, а потоа имало надеж дека тоа може да се случи во рок од пет до 10 години.
-По 20 години мора да се направи чекор напред. Германија ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и чувствува одговорност да биде успешна на тој пат, нагласи Шолц.
Германскиот канцелар кажа дека најважното прашање е да се работи на тоа на земјите од Западен Балкан да им се даде вистинска можност да станат членки на ЕУ