Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и нивниот кандидат што го поддржуваат за претседател Гордана Силјановска Давкова прогласија победа во првиот изборен круг.

Силјановска на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ако се спореди бројот на гласовите за опозицијата и на оние кои гласале за Блерим Река разликата е повеќе од 70 илјади гласови, кои според неа  укажуваат дека опозицијата успеала да ги убеди граѓаните дека во отсуство на право и правда, вели ние може да си раскажуваме приказни за ЕУ и НАТО, затоа што со само со владеење на правото може да се добие почетокот на преговори.

– Не сум човек кој посакува или потонува во триумфализам. Знам дека допрва следи битката, но мислам ако ние добивме олкав број на гласови иако на нив ги додадеме оние на господинот Блерим Река како независен кандидат поддржан од две партии, приказната е јасна. Обајцата ние зборувавме за владеење на правото, за правна држава, за крај на корупцијата и криминалот.  Приказната е демократска и приказната е европска. И само со таква приказна ние може да добиеме почеток на преговори, и само со реализација на таквата приказна ние можеме да добиеме почеток на преговори, да зачекориме кон ЕУ, во спротивно ќе останеме закопани во транзицијата, рече Силјановска.

Таа додава дека не случајно претседателските избори ги поврзува со предвремените парламентарни избори оти легитимитетот на власта извира од народот, а оваа власт според неа, го потрошила својот легитимитет за неполни две и пол години.

Најави дека во вториот круг ќе продолжи  да дебатира со аргументи, и да разговара со граѓаните.