Првата пленарна сесија на новиот Европски Парламент во Стразбур почна со скандал, кога при интонирањето на химната на ЕУ британски и полски европратеници се свртеа со грб, а други нивни колеги демонстративно не станаа.
Тоа се случува пред продолжението на средбата на лидерите на Европската унија за распределба на клучните позиции во институциите во Брисел.
Ако денеска се изнајде компромис, идниот претседател на Европската комисија може да биде утврден уште в четврток во Стразбур.
Лидерите на ЕУ денеска се собираат во Брисел во обид да продолжат преговори за именување за водечки функции за ЕУ институциите.
Трет ден по ред лидерите во ЕУ ќе се обидат да изнајдат компромис за имињата на идниот претседател на ЕК. Во пакет се бираат претседател на ЕС, шеф на дипломатијата и претседател на Европската централна банка.
Пред состанокот средба имаа од Вишеградската четворка кои вчера отворено се спротиставија за избор на холандскиот социјалист Франс Тимерманс за шеф на ЕК.