Пишува: Блаже Миневски

Во 1668 година, кога Евлија Челебија ги посетил Солун и другите градови во Румелија, поминувајќи низ Скопје, меѓудругото забележал дека „јаничари има толку многу што го преплавиле градот“. А Скопје во тоа време бил „голем град што се наоѓа во рамница, обраснат со зеленило, украсен со градини на десната и левата страна од реката Вардар“.

Според Челебија, градот го краселе повеќе илјади интересни градби соѕидани од тврд материјал а се наоѓаат западно од реката и на страната каде што се наоѓа и тврдината. Градот има седумдесет маала:

„Тоа е град со цврста и јака утврда која има двојни бедеми. Скопје е красна населба. Градската капија и бедемите се изѕидани од делкан камен, кој се сјае како полиран. Толкава префинетост и уметност во обработката на камен не може да се види во ниеден друг град. Мајсторот-архитект така ги изработил и изделкал големите мермерни столбови на тие бедеми што изгледаат како да се излеани во гипс. Такво мајсторство е покажано можеби единствено во академијата на божествениот Платон во Атина…“, запишал Челибија, а дел од овие записи, во превод на Зоран Спасовски и во издание на издавачката куќа „Алманах“, беа објавени на македонски јазик.

Кој ги плаќал јаничарите во Скопје?

Во продолжение на записот за Скопје, кој во тоа време бил преплавен со јаничари, патеписецот констатира дека „бедемите кои го обиколуваат  градот се високи педесет аршини, има три железни капии, а во предворјето на секоја од високите капии има бројна  стража. Капиите и ѕидовите на предворјата се украсени со разно оружје и алат за оружје. Самата тврдина е  изградена на виски карпи, така што од неа се гледа целото поле“. Патем, во патеписот, кој постојано како да е под превезот со сликата за град преполн со јаничари, познатиот патеписец пишува и за чаршијата во која имало две илјади и сто и педесет дуќани, при што најубав дел од неа е делот  на трговците со памучни ткаенини, но и оној каде што биле дуќаните на занаетчиите и трговците што изработуваат и продаваат свилени ткаенини, потоа делот  на чадорџиите, на папуџиите и бојаџиите:

„Секој дуќан го красат зумбули, љубичици, ружи, босилек, јоргован и кринови во вазни и саксии.“ Потоа, и при една таква убавина што го опкружува, патеписецот сепак не пропушта да каже дека токму од Скопје „се тргнувало на многубројни освојувачки походи по околните земји“, а главна воена сила очигледно биле јаничарите кои го „преплавиле градот“. Колку од нив биле Македонци од градот и од околните  “триста и педесет убави села“, нема податоци, но факт е дека во градот се наоѓал „јаничарскиот ага, кој го викаат коџа-ага“.

Освен него во Скопје бил стациониран и градскиот диздар кој располагал со „триста редовни војници на градската посада“, кои „секоја година ја примаат својата плата од државниот службеник на рудникот за сребро во Кратово“. Кој ги плаќал локалните јаничари, не се знае, но се знае дека јаничарите како војска се воведени во 1330 година.

Според историски извори османлиските власти ги одземале здравите и силни христијански деца, ги потурчувале и со систематска обука ги обучувале како специјална војска. Во вековите што следувале се почесто се случувало јаничарите да предизвикуваат нереди кои со време станувале опасни за турската власт. Инаку, во воената литература, турскиот збор јаничар, што во превод значи ’нова војска’, во основа се однесува на припадник на османлиската пешадиска единица задолжена за безбедноста на султанот.

Во почетокот јаничарите биле опремени со лакови, но по 1440 година започнале да ракуваат и со сабји и ножеви. Всушност, турскиот јатаган станал симбол на самиот корпус. Притоа први јаничари биле момчиња од немуслиманското население, односно насила потурчени  христијани. Токму со таа намена во времето на Мурат Први бил воведен и данок со кој секој петти воен заробеник бил обврзан и принуден да го прифати исламот и да стапи во армијата.

Така се формирале првите единици на пешадијата, а паралено со тоа значењето на јаничарите започнало да расте. Во меѓувреме, во времето на Бајазит Први, започнал да се собира и данокот во крв, односно задолжително, периодично собирање на машки деца од пет до десет години од поробените христијански градови и села, главно од Румелија, што значи и од Македонија.

По киднапирањето децата се носеле  во Анадолија, во угледни муслимански семејства, а потоа оттаму во касарните во Цариград, Бурса или Едрене.

 

Сулејман Величествениот имал на располагање 140 000 јаничари!

 

Според француски извори од 1458 година, секоја петта година, собраните и селектирани деца од христијанските земји, султанот ги праќал во семејства каде се обучувале на послушност, го учеле турскиот јазик а потоа откако ќе потпораснале се враќале во Цариград каде што се вршеле нова селекција. При селекцијата, оние што се истакнувале со убавина и интелигенција, се испраќале во гардата. Останатите биле продавани како робови. Вкупниот број на јаничарите варирал во зависност од потребите а јаничарски корпус бил организиран во орти, односно баталјони, односно од 300 до 1000 луѓе. Султанот Сулејман Величествениот имал околу 140 орти, но подоцна тој број се зголемил на преку 190 орти. Султанот бил главен командант, јаничарите носеле специјални униформи, биле плаќани во готово, и марширале под  музика  наменета само за нив.

Во исторските записи стои дека јаничарите одиграле голема улога во падот на Константинопол, во борбите со Австрија и поразот на египетските Малмуци. Веднаш по овие успеси, јаничарите започнале со своите барања за покачување на своите примања. По 1451 година секој султан морал да плаќа дополнителна награда за успесите на јаничарите, а во 1566 година јаничарите добиле право да се женат.

Со текот на времето, јаничарскиот корпус се засилил толку многу што станал опасен дури и за султанот, па Махмуд Втори ја укинал оваа веќе платеничка војска во 1826 година. Во 1566 султанот располагал со 12 000 јаничарите, девет години подоцна тие броеле 27 000 луѓе а во 1592 година нивниот број стигнал до 48 688 лица и постојано се зголемувал. Следните два века јаничарите полека но сигурно  почнале да стануваат најмоќна сила во империјата па потребите за реформи во османлиската војска  предизвикале револт меѓу платениците кои се противеле на какви било иновации, попречувајќи дури и воведување на модерно оружје во војската. Како и да е на 19 мај 1826 година, кога било одлучено дека треба да се формира редовна турска армија, јаничарите се побуниле и се заканиле дека ќе ги убијат сите што залагаат за реформи, па дури и самиот султан, ако не ја расформира новоформираната војска. Сепак бунтот бил задушен, јаничарите биле принудени да молат за милост, дел од нив биле помилувани, но организаторите биле ликвидирани.

Според записот на Евлија Челебија, сто и педесет години пред тоа, пред крајот на јаничарството како платеничка војска, самиот тој престојувајќи во Скопје можел да види дека ги имало толку многу што го преплавиле градот. Што би забележал истиот патеписец денес доколку повторно помине низ Скопје и заталка на предизборен митинг на луѓе со чадори што го имаат преплавено градот, чекајќи  некој сличен службеник, како  „службеникот на рудникот за сребро во Кратово“ од 1668 година да ги исплати за она што дури со свиткан ’рбет го прават за државата?

Македонска народна песна

Јаничари одат мамо!

Јаничари одат мамо/Јаничари одат мамо/ од село во село, голем зулум прават,/ машки деца земаат мамо, / земаат, потурчуваат,/ млади моми, грабаат мамо, / анами ги прават. Зеле ми го, зеле, мамо, / Стојана на мајка,/ зеле и одвеле,/ а Стојан ми беше, мамо,/ единец на мајка. /А Стојан ми беше, мамо,/ единец на мајка. Плакала е многу време Стојанова мајка,/ сè за Стојана плачеше, / косите ѝ побелеле, /очите ѝ истекле./ Косите ѝ побелеле,/ очите ѝ истекле.

Скендербег и Мехмед-паша Соколовиќ-најславни јаничари од Балканот!

Еден од најславните јаничари бил Ѓорѓија Кастриот Скендербег , син на деспот од северна Албанија, кој подоцна водел догогодишна војна против Отоманите. Освен него, меѓу нејславникте јаничари е и Мехмед Паша Соколи, односно Соколовиќ, селанче од Босна, кое подоцна станува голем везир, служел на тројца султани, и бил владетел во сенка на Отоманската империја повеќе од 14 години.