Хрватската европратеничка Маријана Петир, која беше честа мета на напади од Грците поради нејзината отворена поддршка кон Република Македонија, се најде на удар и на актуелната Влада во Република Македонија, која донесе одлука да ја исклучи од групата Европски пријатели на Македонија.

Но, Петир, и покрај ваквата одлука на Владата на Зоран Заев, изјави дека останува на позицијата за поддршка на Македонија и македонскиот народ. Остар демарш до Владата на Заев, поради исклучувањето на Петир од групата Пријатели на Македонија, упати Светскиот македонски конгрес (СМК).

– СМК изразува искрено жалење и упатува остар демарш до македонската Влада поради одлуката за исклучување на европратеничката Маријана Петир од Хрватска од групата Европски пријатели на Македонија, а по барање на македонската Влада, со образложение дека Владата ќе прави нова група на пријатели на Македонија. Македонците во сите делови на Македонија, во татковината и во светот, ги почитуваат името и делото на европратеничката Маријана Петир и натаму ја сметаат за голем пријател на Македонија и на македонскиот народ, и и благодарат од се срце за нејзиниот јасен став за поддршка на името на државата Македонија и идентитетот на македонската нација, поради што беше и е честа мета на напади од страна на грчките екстремисти, се вели во соопштението на СМК.

СМК наведува дека ќе ја продолжи соработката со европратеничката Петир.

– СМК покажува особена восхит од нејзината изјава, дека останува на позицијата за поддршка на Македонија и македонскиот народ и покрај ваквата постапка на актуелната македонска Влада. СМК на 27. Генерално собрание одржано на 5 август 2017 година во Скопје, донесе одлука за доделување на највисокото семакедонско признание на европратеничката Маријана Петир – почесната титула Македонски сенатор, соопшти СМК.