Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 61. седница на која на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за негово изменување и дополнување поднесен од Владата.

А како што е познато, под оваа еуфемизирана форма, во суштина е обид на владејачките партии да го сменат уставното име на државата во Северна Македонија.

На матичната собраниска Комисија за уставни прашања во петокот по дводневна расправа, беа донесени заклучоци за пристапување кон уставни измени и Владата во рок од 15 дена да изготви нацрт-аманадмани и да ги достави до Парламентот. Поддршка за пристапување кон измените на Уставот дадоа пратеници на владејачкото мнозинство, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.

За да биде усвоена потребата од пристапување кон уставни измени треба да биде изгласана од две третини од вкупниот број пратеници во Парламентот.

Во предлогот за измени на Уставот, кој Владата го утврди и соопшти во понеделникот, се предлага: Во целиот текст на Уставот пред Република Македонија се додава придавката северна; Измени во Преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со Договорот со Грција; Поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Од тоа дали ќе бидат обезбедени две третини за поддршка за  измени на Уставот, ќе зависи и дали претстојат нови предвремени парламентарни избори, кои би се организирале со скратени рокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека уставните измени се апсолвирани и оти нивните пратеници нема да ги гласаат. Најавија дека се подготвуваат за избори. На состанокот на ИК на партијата викендов се разговарало за вонредните парламентарни избори и за термините за нивното одржување: 25 ноември, 2 декември, 9 декември  или на пролет со акцент на подготовка на партиската инфраструктура, која е почната и подготовка на програмата  со која ВМРО-ДПМНЕ ќе  настапи на  вонредните парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев пак, остава простор и очекува денеска секој пратеник во Парламентот да се соочи со одговорноста и да се изјасни по своја сопствена волја, следејќи го правецот за развој на државата што, според него, го избраа огромното мнозинство од граѓаните кои излегоа и гласаа на референдумот.