Собраниската Комисија за уставни прашања, со која претседава собранискиот спикер Талат Џафери, денеска ќе ја почне расправата за четвртиот амандман на Уставот што произлезе од потребата за имплементација на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, за промена на уставното име во Северна.

Со нацрт-четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Но, забележливо е дека во овој амандман не се опфаќаат и малцинствата на македонскиот народ во другите соседни земји, кои не се државјани на Република Македонија, туку на државите во кои живеат.

Претходните денови Комисијата усвои три амандмани на Уставот. Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект, со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор, а со третиот  се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави.

Седницата на Комисијата за уставни прашања може да трае 12 дена, а пленарната седница веќе е закажана за 1 декември. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас по што треба да се организира јавна расправа чие времетраење го утврдува Парламентот. По ова, Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство. 

На 19 октомври Собранието со 80 гласови „за“ ја донесе одлуката за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа.