Сојузот на спортови синоќа во Битола ги прогласи најдобрите спортистки и спортисти во градот за 2022 година, додели две награди за животно дело, како и посебни плакети и признанија за поддршка и афирмација на спортот.

За спортист на годината избрана е Оливера Наковска Бикова, минатогодишна светска првенка во стрелаштво, освојувач на златен медал на светското првенство што се одржа во Обединетите арапски емирати, а наградата и ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

– На сите спортисти им посакувам успеси и посебно на младите за да истраат и да не се откажуваат. Како што е познато во минатата 2022 година постигнав големи успеси, почнав со освоено прво место на Европско првенство, станав македонски државен првак, второпласирана бев на светскиот куп во Франција и конечно светска шампионка на светското првенство во стрелаштво во Ал Аин, истакна Наковска Бикова на свеченоста во Битола.

За најдобар спортски колектив во 2022 година избран е тимот на РК Еурофарм Пелистер, а со одлука на управниот одбор на Сојузот на спортови-Битола и на предлог на спортските клубови, педагози и спортски работници, награди беа доделени на поединци и клубови кои успешно го претставуваа битолскиот спорт во градот, државата и странство.

Награди за животно дело им беа врачени на Ристо Димитровски, поранешен боксер и боксерски тренер БК „Пелистер“, и на Цане Крстевски, поранешен ракометар и тренер на РК „Пелистер“.