Маж на 61-годишна возраст, државјанин на Република Македонија, е пронајден вчера попладне мртов во мотел во областа на градот Урошевац во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Портпаролот на полицијата за регионот на Урошевац, Канун Весели, во изјава за медиумите информира дека телото на македонскиот државјанин било пронајдено во четвртокот околу 16:35 часот.
– На 15.02.2024 година, околу 16,35 часот, добивме информација дека на автопатот Урошевац-Приштина, во мотел во Урошевац, без знаци на живот е пронајден 61-годишен маж, државјанин на С. Македонија. Неговата смрт е констатирана од страна на лекарски тим, изјави Весели.
Тој рече дека полицијата излегла на местото на настанот, додека по налог на надлежен обвинител, телото на починатиот е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина. Случајот се води како „истрага за смртен случај“.
Фото: МИА архива