Русија и Кина вчера ставија вето на американската резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации што се однесува на Израел и палестинските милитанти од Хамас во Појасот Газа, додека руската нацрт-резолуција не успеа да собере минимален број гласови.
Американската нацрт-резолуција се фокусираше на справување со влошената хуманитарна криза во Газа, повикувајќи на прекин на насилството за да се овозможи пристап до хуманитарна помош. Против гласаа и Обединетите Арапски Емирати, додека десет членки гласаа за, а Бразил и Мозамбик беа воздржани.
Советот потоа гласаше за руската нацрт-резолуција со која се повикува на хуманитарен прекин на огнот. За нацртот гласаа само Русија, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Габон, додека другите девет членки беа воздржани, а САД и Велика Британија гласаа против.
За да биде изгласана, една резолуцијата треба да биде поддржана од најмалку девет членки на СБ на ОН и не може да биде ставено вето од САД, Франција, Велика Британија, Русија или Кина.
До гласањето синоќа дојде откако минатата недела Советот за безбедност двапати имаше неуспешни гласања, откако на 16 октомври само пет членки гласаа за нацрт-резолуцијата на Русија, а на 18 октомври САД ставија вето на нацртот на Бразил, што доби 12 гласа.
САД ја предложија својата нацрт-резолуција во саботата, која првично шокираше некои дипломати со тврдењето дека Израел има право да се брани и барајќи од Иран да престане да извезува оружје за милитантните групи. Потоа, од нацртот беше отстранет делот што се однесува на Иран и правото на Израел на самоодбрана.
Но, Русија уште пред два дена, во вторникот, соопшти дека не може да го поддржи американскиот план за акција и предложи своја нацрт резолуција.