Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на трибината „И машкото здравје е важно“, организирана од Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ и Македонскиот полициски синдикат, по повод месецот на машкото здравје, соопшти МВР:
Како што се наведува во соопштението, Спасовски истакнал дека машкото здравје често е тема за која не се дискутира доволно отворено, иако генерално социјалните норми и предрасуди спречуваат мажите да бараат помош или, подвлекол, ако сакате – дури и да зборуваат за своите здравствени проблеми. Посочил на фактот дека и тие споделуваат подеднакво исти проблеми кога зборуваме за здравјето, како и припадничките на понежниот пол.
– Од аспект на Министерството за внатрешни работи, веќе со децении наназад, особено поради природата на работата, на надлежностите и одговорностите на вработените, независно дали станува збор за полициски службеници, овластени лица или службеници, нивната психо-физичката состојба се третира со особено должно внимание не само како организациски туку и како суштински неспорен критериум нормиран преку низа интерни акти и правилници а се со цел постигнување максимален професионален потенцијал во извршување на секојдневните задачи, рекол Спасовски.
Тој, како што стои во соопштението, образложил дека од круцијална важност е да почнеме поотворено и постручно да зборуваме како луѓе и како општество и на оваа тема – темата на машкото здравје, особено околу перспективите на концепциски осмислена превенција во насока на заштита и на машкото здравје, тргнувајќи пред се од пораката дека не смееме да дозволиме да се води само индивидуална борба и тоа во „тишина”, надвор од нужната помош и поддршка.
– Би сакал да упатам и апел до колегите, вработени во МВР, не само заради почитување на пропишаните норми туку и заради непосредниот личен интерес да одат на редовни медицински прегледи и скрининг тестови, бидејќи покрај заедничките напори, потребно е подигнување на свесноста и индивидуална грижа за сопственото здравје“, е пораката од Спасовски, кој додал дека грижата за личното здравје е влог како во личните и професионални амбиции, надежи и нивно остварување, така и во иднината на нашето општество.