Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите ОДАС најавува предупредувачки протест.
Истиот е најавен за во петок со почеток од 12:30 часот пред Министерството за образование и наука.
-Целта е да се слушнат средношколците, да се истакне значењето на нивните ставови околу државната матура и да се забрза носењето на соодветно решение, се вели во соопштението на ОДАС.
Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) до Собранието и Владата ќе испрати барање за олеснување на полагањето државна матура за годинашната генерација – или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.
Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА изјави дека тоа се заклучоци од дискусијата што ја организирале во саботата и ќе бидат пратени до Собранието и до Владата, односно Министерството за образование и наука. Таа се огради од протестот што со вакво барање денеска го одржале матуранти пред МОН.
Угриновска рече дека тие не се организатори и, веројатно, протестот е самоиницијативен, но дека и ОДАС ќе организира предупредувачки протест, доколку надлежните не ги слушнат нивните барања.
-Како организација целиме прво работите да бидат решени преку дискусија, а дури потоа би следувале порадикалните мерки. Бараме намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матурата или скратување на еден интернет предмет. Тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години – бевме зафатени со корона-кризата и имавме година и пол онлајн-настава и дојавите за бомби. Во меѓувреме имаше и други фактори, така што ние матурантите сме најоштетена генерација и не сме имале една целосна непрекината учебна година, изјави Угриновска за МИА.
Со оглед дека првиот екстерен испит е закажан за 27 мај и, како што рече, времето ги ограничува, повратен одговор на нивното барање ќе очекуваат оваа недела.матура