Европската унија има јасен и дефиниран став на сите 27 земји-членки во однос на руската инвазија на Украина и ќе го поддржува Киев до победа, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано, додавајќи дека Украина, како жртва на руската агресија, ќе ги одреди условите под кои оваа војна ќе заврши.

„Она што е навистина важно е ставот на ЕУ, кој е договорен меѓу сите 27 земји-членки. Оваа позиција подразбира поддршка на Украина онолку долго колку што е потребно до нејзината легитимна победа во оваа легитимна одбранбена војна. Токму тоа е ставот на Европската унија“, нагласи Стано на прес-конференција во Брисел, коментирајќи го пишувањето на некои западни медиуми за можноста за размена на членството на Украина во ЕУ и НАТО за територијални отстапки за сметка на привремено окупирани територии од Русија, пренесува „Укринформ“.

Портпаролот на ЕУ истакна дека овој конфликт на крајот ќе го најде своето решение на еден или друг начин. Но, како што наведе, такво решение треба да се најде под условите на Украина.

„Украина е жртва на криминална руска агресија. Значи, Украина е таа која ќе одлучи кога ќе дојде вистинскиот момент да се зборува за какви било отстапки, услови или што било друго. Сето ова е целосно во рацете на Украина. Европската унија стои до Украина, заедно со Украина, и продолжува да ѝ дава на Украина секаква можна помош за да победи во оваа легитимна одбранбена војна“, додаде Стано.