СДСМ се фатени во криминал и затоа пратеникот Костадин Костадинов во панични прес-конференции кажува лаги и манипулации. За само неколку дена на виделина излегоа криминали од над 45 милиони евра, пари на граѓаните кои СДСМ сака преку наводни иновации и крвави тендери да ги испумпа во џебови или фирмите блиски до СДСМ.

Вака одговори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоиловски на обвинувањата што на денешната прес-конференција ги изнесе пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ тргува со националните интереси.

– Доколку Костадинов сака да говори за криминал, нека го праша колегата Локвенец како успеа да добие грант, за набавка на опрема за наводна иновативност на неговата печатница. Кога зборува за криминал, се прашал ли Костадинов како Венко Филипче дозволи анонимна човек-фирма да учествува како единствен понудувач на тендер дебел 35 милиони евра? Или како вицепремиерот вели дека неговите компании се самостојни, а потоа им нареди да се повлечат од доделениот грант? Може и советничката на Заев да објасни дали снашката ја основала фирмата за да добие 330 000 евра по препорака на свекрвата, праша Стоилковски.

Впрочем, додава тој, Костадинов и самиот е сведок на криминали кои се правеа со години во општина Струмица, во која неговиот лидер и сограѓанин Зоран Заев бараше поткуп од 200 илјади евра за државно земјиште да биде уплатено во менувачницата на семејниот клан.

– Ова што се случува во Македонија е класичен грабеж! Го сотреа секој денар на граѓаните, а милионите евра што ги ставаат на сметките ги покриваат со продажба на највисоките државни и национални интереси. Заев е единствениот политичар во Република Македонија кој прифати да се откаже од името и Уставот и да ги прифати грчките црвени линии. Ова ќе остане запишано во историјата. Потребни се реформи и економски прогрес, а не распродажба на македонската историја, традиција и култура. Заробениот правен систем ја држи Република Македонија надвор од евроатланските структури кои не ги покрива ниту предавството на националните интереси. Република Македонија со ваква криминална власт не може да оди напред. Манипулациите за каква било амнестија на криминалите на Заев и картелот на власт не минуваат. Ќе има одговорност за се што украдоа. Колку побрзо заминат, толку побрзо Македонија ќе оди напред, се вели во реакцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, на прес-конференција, Костадинов ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски дека тргуваат со националните интереси на Македонија, на сметка на амнестија за криминалите на фамилијата.

– Мицкоски вчера неодговорно и срамно избега од решение. Иако ВМРО-ДПМНЕ со години се залагаше за референдум за договорот со Грција, Мицкоски вчера бесрамно го услови договорот и идниот референдум, со амнестија на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој одби да се откаже од својата намера преку бојкот да се обидува да ги уништува ЕУ и НАТО перспективите на граѓаните, рече Костадинов.

Тој обвини дека Мицкоски „се обидува да ја турне Македонија во темното минато на криминал и неказнивост“.

– Колку и да се трудат, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да ја закочат македонската иднина. Македонците со своите сограѓани од сите етнички заедници кои живеат во Македонија одат напред, таму кадешто припаѓаме, во ЕУ и НАТО, рамо до рамо со големите сили. Како одговорна партија, заедно со сите политички субјекти кои се на страната на НАТО и ЕУ ќе овозможиме волјата на граѓаните да биде целосно испочитувана и реализирана. Ќе победи волјата на граѓаните. Ќе има ДИК, ќе има и референдум, аменстија на криминалот нема да има, рече Костадинов.