Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг им се заблагодари на Турција, САД и Велика Британија за нивната улога во обезбедувањето на безбедноста на меѓународниот аеродром во главниот град на Авганистан, Кабул.

– Особено би сакал да им се заблагодарам на Турција, САД и Велика Британија за нивната клучна улога во обезбедувањето на безбедноста на аеродромот во Кабул, рече Столтенберг на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Тој потсети дека Турција е вклучена во управувањето со аеродромот многу години. Според него, Анкара се уште игра клучна улога во обезбедувањето безбедност на аеродромот Хамид Карзаи, но сегашната криза бара поддршка и од други земји, пренесува Анадолија.

Столтенберг рече дека министрите за надворешни работи на НАТО се согласиле дека „не треба да им се дозволи на терористите повторно да се закануваат на земјите од Алијансата во Авганистан“.

– Талибанците мора да го прекинат насилството и да ги почитуваат основните права на сите Авганистанци, рече генералниот секретар на НАТО.