Демонстрантите во центарот на Барселона вечерва, на петтиот ден од демонстрациите организирани во знак на протест поради пресудата на каталонските сепаратисти, се судрија со полицијата.

Стотици илјади демонстранти со знамиња на Каталонија целосно го блокираа градот.

Шпанските власти соопштија дека се откажани 57 летови, а учесниците на протестот уште утрово ја затворија границата со Франција и најмалку 25 сообраќајници.

Значително е намален и железничкиот сообраќај. Голем број продавници и фабрики беа затворени, како и познатата катедрала на шпанскиот архитект Антонио Гауди, Саграда Фамилија (Свето семејство), затоа што демонстрантите го блокираа влезот во неа.

Генералниот штрајк е организиран на покана на синдикатите кои се залагаат за независност на Каталонија.

Илјадниците демонстранти кои пристигнаа во Барселона бараат ослободување на затворените каталонски сепаратисти.

Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека испратило полициски единици на периферијата на Барселона.

На улиците се забележува и оган, бидејќи демонстрантите ги палат контејнерите.

Претходно министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка изјави дека властите следат една помала група која предизвикува инциденти на специфични места. Тој, сепак, додаде дека туристите без проблем и страв можат да ја посетат Барселона.

Во понеделникот Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина каталонски лидери на казна затвор од девет до 13 години за организирање на референдумот за независност во 2017 година. Од тогаш започнаа протестите во Барселона, во кои е нанесена штета на градот од 1,5 милиони евра.

МИА