Денеска е 22 јули (по стар стил) и се слави Света Марија Магдалина.
Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај Генисаретското Езеро во Сирија, од племето Исахарово, заради што е наречена Магдалина. Претходно мачена од седум зли духови, од кои ја ослободи Господ Исус и ја направи здрава. Верна следбеничка и служителка на Господа за време на Неговиот земен живот.
Стоеше под Крстот на Голгота заедно со Пресветата Богородица и тагуваше горко. По смртта на Господа трипати го посети Неговиот гроб. Кога Господ воскресна, таа Го виде двапати: еднаш додека беше сама, а вториот пат заедно со останатите жени Мироносици.
Отпатува во Рим, излезе пред кесарот Тибериј и предавајќи му црвено обоено јајце го поздрави со зборовите: „Христос воскресна!“ Тогаш пред кесарот го обвини Пилат за неправедната осуда на Господа Исуса. Кесарот го прими нејзиното обвинение и го премести Пилат од Палестина во Галија, каде овој неправеден судија го заврши животот, во царска немилост и во тешка болест. Потоа од Рим се врати во Ефес кај светиот Јован Богослов, на кого му помагаше во делото на проповедањето на Евангелието.
Со огромна љубов кон воскреснатиот Господ и со голема ревност му го јавуваше Евангелието на светот, како вистински Христов апостол. Се упокои мирно, во Ефес, и според преданието погребана е во истата пештера во која биле чудотворно успиени во стогодишен сон седумте отроци, потоа оживеани, па повторно умрени (17 август). Моштите на светата Марија Магдалина подоцна се пренесени во Цариград. Во близина на Гетсиманската градина се наоѓа прекрасен руски храм кој ѝ е посветен на оваа светителка.