Левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас е соочено со нови предизвици откако денес е обелоденет документ со кој Максимос (Владата) испратила насоки до високи претставници на администрацијата како да ги спинуваат медиумите по катастрофалните пожари кои ја погодија Атика на 23 јули. Според последните информации во тие пожари загинале најмалку 94 лица.

Документот го открива „Елефетерос типос“ и во него се спомнува и договорот со Македонија за името.

Според весникот, меморандумот го добиле неколку министри, пратеници и партиски претставници десет дена по инферното, односно на 1 август. На политичарите им се даваат инструкции да тврдат дека, спротивно на извештаите во медиумите, состојбата во Мати, местото кое најтешко беше погодено од пожарите, се подобрува.

Исто така, политичарите добиле инструкции да тврдат дека илегалните градби биле главна причина за многуте загинати. „Токму затоа операцијата „булдожер“ мораат сите да ја поддржуваат“, се наведува во меморандумот за владината кампања за уривање на сите нелгално изградени објекти во земјата.

Понатаму, во документот се наведува дека на медиумите требало да им се зборува дека владата планира реконструкција и оти Сириза се уште може да победи на наредните избори.

Насоките за пропагандата исто така вклучуваат и тврдења дека Владата на Ципрас е способна да издејствува одлагање на планираните намалувања на пензиите. Што се однесува до договорот за името, се наведува дека Максимос тврдел дека тој не влијаел врз остварувањата на Владата.

Инаку, овој пропаганден маневар на Ципрас помина во повеќето грчки медиуми.