Со новиот концепт во основното образование многу наставници ќе останат без работа, реагираат од Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Здружението на историчари на Македонија.

– Со спојувањето на повеќе предмети во Концепцијата за основно образование на Министерството за образование и наука (МОН) ќе се намали бројот на работни места во секторот образование, а истото може да предизвика појава на технолошки вишок, реагираат НСОН и Здружението на историчари на Македонија.

Станува збор за Концепцијата која е воведена во 2021 година, и која почна со тогашните прво и четвртоодделенци, па следеа новини во програмата кога стигнаа тие ученици во второ и петто одделение, и наесен треба да ги опфати кога ќе бидат трето и шесто одделение.

Според таа програма, се спојуваат предметите историја, граѓанското образование и географија“ во „Историја и општетство“.

Тогашната министерка Мила Царовска изјавуваше дека „ме се укинува предметот историја, туку се спојува во општествени науки, исто како и географија“

НСОН смета дека спојувањето на предмети може да предизвика појава на технолошки вишок, земајќи го предвид моменталниот закон во кој висината на платата се исплаќа според бројот на наставни часови.

– Ќе ги преземеме сите расположливи средства да се заштитиме самите себеси како и нашите права и нашиот углед. Во периодов имаме раст на бројот на членови и формирање на нови организации низ повеќе општини и училишта, во брзо време ќе се стекне со репрезентативност и на располагање ќе ни стои алатката за прекин на работниот процес во форма на штрајк, вели Томислав Гиевски, претседател на НСОН.

Од Здружението на историчари на Македонија реагираат дека историјата мора да остане посебен предмет во образованието за шесто одделение, и дека се против тоа што со Концепцијата е укинат предметот Историја.

– Категорично застануваме во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање, поради кратењето на бројот на часови по историја, а што е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја, вели Здружението.