Зпознајте ги Милкица, Петра, Милица и Милош.

Тие имаат меѓу 22 и 28 години, а пред десет или повеќе години – го победија ракот, информира Би-Би-Си на српски.

Милкица денес носи протеза во една од нозете, Милош вози велосипед иако му зборуваа дека нема да може, а Петра и Милица ја победија леукемијата.

За време на лечењето, тие имаа многу прашања, на кои честопати не успеваа да добијат одговори од оние кои го победиле ракот.

Тие веќе неколку години се членови на организацијата МладиЦе и на различни начини им помагаат на децата и младите луѓе болни од рак, како и на нивните родители.

Неодамна почнаа онлајн платформа, така што сега во работните денови од 17 до 21 часот одговараат на прашања и даваат совети преку Воцап и Месинџер.

Во МладиЦе се сите млади – под 28-годишна возраст – кои во моментот се во процес на лечење, ремисија или целосно се излечени од малигнитет.

Зборот МладиЦе потекнува од „млад“ и буквата Ц (C), што во медицинскиот шифрарник е ознака за карцином.