Пишува: Блаже Миневски

Зошто некои луѓе уште го сакаат Тито? Зошто за него зборуваат во сегашно време? Можеби затоа што велат дека ако масата прифати некого за свој водач, тогаш тој со неа може да прави што сака. А Тито правел што сака.

Според спомените на Гавро Дотлиќ, кој повеќе од 25 години бил во непосредна близина на водачот, Тито живеел како крал иако во јавноста се градела слика дека е скромен партизански командант што ја дели судбината на својот народ. Бившиот кралски џандар Дотлиќ со Тито се сретнал во 1941 година а потоа до крајот на Втората светска војна бил во баталјонот за обезбедување на Врховниот штаб. Веднаш по завршувањето на војната продолжил да работи во близина на Тито. Ова се дел од неговите сеќавања:

Според Гавро  Дотлиќ, одговорен за целокупниот претседателски имот и домаќин на резиденцијата на Тито на Дедиње, врвот на невидениот комунистички безобразлук сепак е поврзан со Првата конференција на Движењето на неврзаните во Белград. Како што е познато, Конференцијата завршила на 4 септември 1961 година, а истата вечер Тито приредил вечера за сите учесници на настанот. Сите поканети еден ден порано добиле убаво опремена листа на јадења отпечатена на англиски јазик. За жал, половина од околу илјада гости не дошле на вечерата, затоа што некои биле уморни а некои веќе се подготвувале за заминување. Сепак, без разлика на се, три дена подоцна, угостителското претпријатие „Петроварадинска тврдина“ до Кабинетот на Претседателот на Републиката испорачувал благо речено безобразна сметка, барајќи да се платат неверојатни 15 милиона 315 илјади и 250 динари.

Неврзаните испушиле 8.300 кутии цигари за еден час!

„Кога ја видов сметката бев запрепастен од сумата што треба да се плати, па веднаш побарав да ми биде достави детална сметка со одделни ставки, број на гости и слично. Веднаш ја добив сметката и, барајќи начин да го заинтересирам Тито за овој случај,  ми падна во око сумата од околу 540.000 динари што треба да се плати за цигари. Според моја пресметка, за средна цена на кутија цигари од околу 65 динари, излезе дека гостите за време на вечерата испушиле околи 8.300 кутии цигари! По неколку дена бев повикан во кабинетот на Тито и тогаш му ја покажав сметката од Нови Сад, а тој веднаш реагираше: „Какви 15 милиони, мајка му божја, кога не ми дојдоа ни половина од поканетите гости!“ Веднаш му реков дека е во прашање невиден криминал и невидена дрскост, а потоа како главен адут му го кажав бројот на потрошени кутии цигари, нагласувајќи дека тоа се однесува и на сите други ставки. Кога Тито слушна колку кутии цигари биле потрошени, бараше да го повторам тоа што го кажав, а потоа запрепастен замолча гледајќи ме без да трепне, па по извесно време само промрмори:„Ова е арамилак на кој нигде му нема рамен“. Добив наредба да соберам документација за сите вакви случаи, а потоа да се видиме во четири очи. Кога ја собрав документацијата, веднаш се јавив и веднаш бев примен во Кабинетот. Сето тоа што го имав како факти го објаснив и усмено, а потоа, по одредно време, му соопштив и дека, на пример, Жежељ продал два автомобила марка BMV за 6.000.000 динари, износот со свој потпис го потврдил на 15 јуни 1954 година, но парите нигде ги нема. Слично е и со автомобилите и коњите што се продавани подоцна. Патем реков дека Жежељ тврди оти парите му ги дал нему, на Претседателот. Тогаш Тито на мое големо изненадување само одмавна со раката, и ми рече:„Да, ми даваше некои пари“. Сега ми стана јасно дека Жежељ многу работи прави во договор со него, но сепак има работи кои ги прави и зад неговиот грб, како што е неговиот „бизнис“ со надуените сметки за кои никогаш не се покрена никаква истрага. Дури ни тогаш кога Жежељ беше пензиониран без никакво образложение“, бележи Дотлиќ коментирајќи ги документите што тајно ги однел  од резиденцијата на Тито.

Сто јагниња и три  овна за стадото на Тито во Хан-Пијесак!

„Пролетта 1957 година македонското раководство го покани Тито да ја посети Македонија. Според претходно утврдената програма се знаеше што ќе посети, какви говори ќе одржи и, најважното, што ќе му биде подарено во име на СР Македонија! Не знам чија била идејата, а не дознав ниту кој учествувал во договорањето на таа работа. Можеби, Жежељ, не сум сигурен. Воглавно, на вчудовиденост на многумина, дури и на самиот претседател и на неговата сопруга, па и на оние во чие име подарокот се даваше, републичките првенци на Македонија му подарија на Тито 100 женски јагниња и три овна за оплодување. Стануваше збор за прекрасно стадо издвоено од Центарот за селекција кај Штип. Се разбира, и во оваа прилика, беше кажано дека стадото е подарок на колективот, односно на  работниците, што не одговара на вистината, затоа што моќните политичари само му предлагаа на колективот да му се подари нешто на Тито, знаејќи дека никој нема да смееа да се спротивстави. Тито веќе имаше во своја сопственост ергела на коњи, говеда и свињи, а сега, еве, на видик беше и фарма со овци. Се прашував кому ќе му припадне „честа“ да ја издржува оваа нова Титова фарма. Се сетив дека армијата има ваква фарма во Хан-Пијесак и дека постои можност таму да се префрли и новото Титово стадо од Македонија. За жал, тоа и се случи, зашто кога владее хармонија и слога меѓу претседателот и армијата брзо се наоѓа и компромис. Во строга тајност, претседателот на Републиката доби согласност од Врховниот командант-маршалот, значи самиот од себеси, подарокот да се префрли во Хан-Пијесак. Се разбира „доби“ и одобрувањето за цело време на престојот во оваа фарма стадото да биде на товар на  буџетот на ЈНА. Со страв некое од јагнињата да не  загине по пат, со стручна придружба, транспортот е изавршен во строга тајност. Во Хан-Пијесак стадото го презеде Дирекцијата на воено-планскиот имот со напомена се да остане во тајност, која, сепак, не можеше сосема да се обезбеди затоа што имаше многу луѓе кои беа ангажирани околу македонското стадо на Тито. Како и да е, во 1957 година и во првите месеци од 1958 година стигна пресметка кај мене за тоа колку чини одржувањето на стадото. Сумата беше навистина сериозна – 623.047 динари или оклу 350 мои плати. Сепак, во првата година беа добиени околу 216 килограми првокласна волна. Волната беше тајно пренесувана во Белград, но тешко се наоѓаше купувач кој ќе даде готови пари, а да не го знае името на продавачот. Сепак, се сеќавам дека првата пратка ја купи претпријатието „Октобарска слобода“. Еден дел од волната, Јованка задржа за себе, велејќи дека ќе прави некакви душеци. Стануваше збор за околу 30 килограми волна, која се смести на таванот на  резиденцијата во Ужичка 15 каде што остана долго време. Каква мака оваа волна им задаваше на вработените во резиденцијата  околу грижата за неа, знаат само тие. Јованка јавно зборуваше дека  „ако се случи нешто со волната, за тоа некој гадно ќе одговара“. Стадото за две години речиси се  удвои. Мислам дека не е потребно да се опишува натамошниот развој на фармата. Само би сакал да кажам дека кога еднаш му ги предавав на Тито парите од продадените јагниња го известив дека од Хан-Пијесак инсистираат одредена, макар и симболична сума од таквата продажба да се остави за да се покриваат трошоците на стадото. Забележав дека на Тито не му беше по волја тоа што му го кажав, но сепак рече: „Па добро, нешто нека задржат“, додавајќи во иднина ова негово стадо да не биде поголемо од 150-200 овци. Слично како со Македонија беше и со другите посети на Тито низ земјата. Само што ќе се најавеше неговата посета, веднаш се размислуваше што ќе му се подари за да може свечено да му биде предадено за време на посетата. Работниците дознаваа за тоа дури кога подарокот ќе беше предаден. Според документите може да се види дека една армиска единица, на пример, му подарува коњи, а Тито, односно оние што работеа во негово име, потоа ги продава истите коњи на друга армиска единица. Титовите коњи се наоѓаа на пет места на нега и одржување, но секаде под исти услови. Во почетокот на 1960 година, претседателот побара да се изработат колор-фотографии на секој негов коњ. Мислам дека имаше 34 коњи, но точникот број не го знаеше никој. За оние што се знаеја се водеше картотека со фотографија во боја за секој коњ. Кога би се направил биланс на вкупните трошоци за издржување на Титовата ергела, фармата со овци, говеда и свињи, само за оние околу 35 година, до моето пензионирање, сумата секако би била таква што не само што би запрепастила туку и би избезумила. Да ја земеме само калкулацијата на ергелата „Зобнатица“ за 1962 година од која се гледа дека еден јавач и коњ таа година народот и народностите ги чинело цели 438.000 динари. Се разбира, не се осмелувам ниту да пресметам и да споредам колку пари го чинеа истиот тој народ сите оние силни коњи од неговите ергели во наши пари, а камо ли во долари. Понекогаш Тито сепак знаеше да каже дека некој подарок не му се допаѓа, но мора да го прими: „Што ќе ми се, до ѓавола, толку слики! Имам веќе полн музеј!“ Знам од искуство дека најмногу сакаше да добива нешто што може да го продаде, макар да беше во прашање и едно јагне. Денот на младоста, покрај тоа што чинеше многу во подароци, голташе и огромни средства и за организација. Околу Тито вриеше од криминал, а сите се правеа дека ништо не знаат. Единствено што успеав да направам е тоа што по презентацијата на документите за приемот по повод завршувањето на Првата конференција на неврзаните кон крајот на 1961 година, Тито сепак го тргна Жежељ од местото аѓутант, односно го пензионира. Се разбира, она што беше украдено, остана украдено, и никој не одговараше за тоа“, запишал Гавро Дотлиќ, човекот кој долги години беше одговорен за целокупниот имот на Тито и главен домаќин на претседателската резиденција на Дедиње во Белград.

Специјален авион за  болните пудлици на Јованка!   

Една ноќ, околу два часот изутрина, Јованка Броз го повикала по телефон Владо Сајчиќ, кој тогаш ја извршувал должноста заменик шеф на кабинетот на Тито задолжен за репрезентативните објекти, резиденциите, материјалните и кадровски прашања, велејќи му дека претседателските пудлици се тешко болни и дека професорот Манојло Лапчевиќ од Ветеринарниот факултет  во Белград не знае што да прави, како да им помогне. Сметајќи дека нема да преживеат, ако не се реагира брзо, препорачал пудлиците итно да се префрлат во Женева каде има лек за нивната болест. Јованка Броз му кажала дека веќе организирала, односно обезбедила превоз со авион, и дека треба само да се обезбедат пари за да се плати услугата во Женева. Според сведочењето на Владо Сајчиќ, Јованка му наредила веднаш да најде пари, но тој во таа доба на ноќта такви пари не можел да обезбеди, па ја информирал дека нема можност да најде таква сума пари за толку кратко време. На таа негова забелешка Јованка Броз вреснала и рекла: „Ќе ја запамтите вие Јованка“, и ја треснала слушалката.

Истото утро, околу седум часот, додека Сајчиќ се бричел во бањата, заѕвонил телефонот и се јавил некој од Кабинетот, по налог на Јованка, секако, известувајќи го дека веќе воопшто нема потреба да доаѓа на работа. На неговата забелешка дека има приватни работи во работната маса му било речено дека се ќе биде во ред, но  нема причина тој да се појавува на работното место. И навистина, неполн час подоцна сите негови работи биле донесени во станот, а потоа за многу кратко време бил и пензиониран.

Кучињата не смеат да го јадат месото што ќе го јадат работиците!

Бидејќи имале многу свои тајни фарми, кои немале проблеми ниту со храната ниту со продажбата, Тито и Јованка секоја есен барале да се заколат неколку телиња и свињи, а потоа, небаре како сите добростоечки домаќини, сами да подготват зимница. Притоа, се сеќава Дотлиќ, се правеа многу специјалитети на кои инсистираа Тито и Јованка, а јас сето одвај некако успевав да го складирам во објектите за таа намена. Се разбира се јавуваа одредени проблеми со сместувањето,  но Јованка наредуваше да се најде место се да се стави во ладилниците сместени во специјалните магацини околу резиденцијата. Се чудев што ќе им е толку месо. Двајцата никако не можеа да потрошат толку храна, колбаси, димена сланина и други специјалитети што ги подготвуваше специјален мајстор викнат од Градишка. Еден дел од месото секако се расипуваше од стоење, а кога ќе и кажев за тоа, Јованка ќе збеснеше, ќе почнеше да вика по секој што ќе се најдеше пред неа. Во меѓувреме го известуваше Тито за тоа, очекувајќи поддршка и осуда од негова страна. Кога Тито ме повика, кога му објаснив што се случи, ја разбра состојбата, велејќи: „Видете што можете да продадете а тоа што е расипано – закопајте го, но за тоа да не се зборува надвор“. Но Јованка не попушташе, бараше точно да ја известам колку од месото и преработките се расипани, а колку од тоа се уште  може да се употреби. Кога и кажав се што бараше, рече: „Од тоа што е расипано дај им на работниците што работат во паркот, а можеш нешто да им дадеш и на ордонансите“. Предложив во тој случај нешто од тоа да им дадеме и на кучињата. Знам дека тешко ќе ми поверува некој кога ќе кажам дека нејзиниот одговор беше буквално овој: „На кучињата не, зашто може да се отрујат!“ Значи, не и беше важно дали ќе се отрујат луѓето што и го средуваа паркот. Важно и беше да не се отрујат кучињата.

( крај)