Јас сум на службено патувањево Обединетите Арапски Емирати, а комбето во кое е запленета марихуаната не е во сопственост на фирма на Заеви, изјави денеска Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, отфрлајќи вина за негова поврзаност со акцијата во која беше запленета голема количина на марихуана.

-Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниту еден од уапсените не е вработен во ниту една фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23. март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка, објави Трајче Заев на социјалните мрежи.

Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ заради сопствени политички цели се обидува да го извалка неговото име и името на компаниите во сопственост на Заеви.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ изрази сомневање дека Трајче Заев избегал во Дубаи, откако неговиот личен шофер бил уапсен во акцијата. Опозициската партија и денеска праша дали комбето со кое била превезувана дрогата припаѓа на фирма на фамилијата Заеви.