Израел денеска истрела неколку ракети врз позиции на сириската армија во близина на главниот град Дамаск, при што загинаа двајца цивили, а беше причинета и материјална штета, соопшти сириското Министерство за одбрана.

Во соопштението се додава дека израелските воени авиони кои летале над територијата на соседен Либан истрелале ракети кон Сирија, а сириската противвоздушна одбрана соборила поголем дел од проектилите.

Израел не го коментираше нападот, бидејќи ретко ги признава таквите операции, иако, во изминатите десет години, стои зад стотици напади врз цели во делови од Сирија под контрола на тамошната влада.

Меѓутоа, Израел претходно призна дека гаѓа бази на Хезболах кои се борат на страната на силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.