Мила Царовска се однесува како почетокот на учебната година да ја изненадило како снег во мај, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

– Царовска и Владата прокоцкаа цело лето и не создадоа услови за физичко присуство на учениците на настава од денес. Голем број училишта не се спремни. Дезинфекција нема. Протоколите имаат пропусти. Царовска наместо да набави брзи тестови за учениците и да создаде систем за брзо изолирање на КОВИД позитивни жртвува повторно цела година, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Само прашање на време е, се додава во соопштението, кога Царовска повторно ќе ја воведе онлајн наставата.

-Учениците немаат услови за учење Царовска ги донесе до ситуација од една книга да учат две дечиња. Царовска не обезбеди книги и наставен материјал. Царовска се однесува како стартот на учебната година да ја изненадило како снег во мај. Образовниот систем е дотолчен од аматеризмот на Царовска. Време е да се стави крај на експериментите. Време е за промени, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.