Власта упорно го турка својот проект за попис во април и покрај тоа што таа операција треба да се спроведе сред пандемија од коронавирусот, за што пак досега не е обезбедена ниту една од ветените вакцини од повеќе извори. Наспроти тоа опозицијата собира потписи да се спречи одржување на пописот, односно за поништување на Законот за попис, во време кога е загрозено здравјето на граѓаните од ширењето на вирусот.

Премиерот Зоран Заев и вчера порача дека „не смееме да дозволиме несериозност и да немаме попис на наслението“.

– Ако сме држава којашто 20 години нема попис, тоа треба да го направиме час поскоро. Убеден сум дека ќе имаме успешен попис од 1 до 21 април, онака како што е предвидено, изјави Заев вчера во Пробишти, коментирајќи ја иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за предлагање на Закон за поништување на Законот на попис.

Премиерот нагласи дека Законот за попис е во согласност со начелата на Евростат и на сите меѓународни стандарди, посочувајќи дека се работи за статистичка операција, чие блокирање не е ни малку патриотски чин кон државата. Заев изрази уверување дека ќе преовлада трезвеноста, одговорноста и зрелоста кај сите граѓани, а најмногу кај политичарите.

Во меѓу време, ВМРО-ДПМНЕ продолжи со иницијатива за собирање потписи за поништување на Законот за попис, под мотото „Стави го својот потпис за вистински попис“, што започна во саботата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера попладне на Фејсбук објави дека во рамки на иницијативата веќе се собрани 45 илјади потписи. Опозициската партија планира собирањето потписи да трае 21 ден и на иницијативата да се поптишат над 100.000 граѓани.

– Денес се собрани нови 20 илјади потписи против фалсификат на пописот кој на сила го турка власта. За два дена собрани се 45 илјади потписи. Благодарност до секој еден граѓанин за поддршката. Никој повеќе го нема правото да го игнорира народот, затоа што народот е силата, енергијата и кај него е вистината. 45 илјади потписи за вистински попис, посочи Мицкоски во објавата на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение наведе дека илјадници граѓани ширум земјава масовно даваат поддршка за како што велат „Граѓанската иницијатива за Закон за поништување на Законот на попис“. Според партијата, СДСМ со сегашнито Закон за попис наместо статистичка, сака да спроведе политичка операција „за задоволување на интересите на коалициските партнери“.

Во реакција на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ оцени дека опозициската партија „со својата деструктивна и крајно неодговорна политика продолжува да работи против граѓаните и против државата“.

– Во време кога државата, по речиси 20 години се подготвува за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски се обидува да ја закочи и саботира оваа статистичка операција. Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата, наведе СДСМ во партиско соопштение, додавајќи дека овој потег на Мицкоски е само „за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени хирови“.

Според СДСМ, пописот ќе се одржи оваа пролет и ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечн, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци, што ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој.