Драги семинаристи, ве поздравувам и се радувам што и јас сум дел од овој семинар за јазикот што за мене живот значи и што го означува мојот идентитет, вели малиот математички генијалец Македон Димитровски, во обраќањето до учесниците на замиската школа од Семинарот за македонски јазик.

– Писмото што го пишувам влече корени од искона, впрочем доказ за тоа е моето име Македон. Ве поздравувам и многу ве сакам, порачува малиот Македон од Тетово, кој досега освоил многу награди и признанија на светски натпревари по математика, за што во повеќе наврати сме пишувале.

Обраќањето е учесниците на лекторските вежби по македонски јазик на 4-тата зимска школа по македонски јазик што се одржува деновиве.

Во историјата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура се вградува секоја група на неговите школи, која се врежува во паметењето за него по некоја само своја, неповторлива особеност. На Четвртата зимска школа, во групата на средно рамниште се вклучени учесници од 11 земји: Австралија, Грција, Италија, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Србија, Тајланд, Украина и Чешката Република. Пристапувајќи му на македонскиот јазик со импресивна љубопитност, безрезервна посветеност и уникатна жар, секој од нив им дава своја димензија на часовите, на атмосферата во групата и, со тоа, и на целата Четврта зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, вели доц. д-р Бојан Петревски, лектор по македонски јазик.

Семинарот на македонистите од светот е во тек.

Видеото може да го отворите ТУКА.