(видео) НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Бог да го прости Миле Поп Јорданов, за народ загина, за Македонија!

/ 21.09.2021

Според една верзија на 21 септември 1902 година (според некои извори во 1901-ва), според друга верзија на 23 декември, во родниот Велес, во Џајково Маало, во борба против османлискиот аскер, откако снемал муниција, се самоубил македонскиот револиционер Миле Поп Јорданов.

Тој е постар брат на гемиџијата Орце Поп Јорданов, водачот на групата позната како Солунски атентатори.

                                                                      Миле Поп Јорданов

– Поради неговата прерана смрт водејќи се од идејата за слободна Македонија, тој не создаде семејство, не создаде пород, но не создаде сите нас! Сите ние сме дел од идејата на Миле Поп Јорданов! Бог да го прости Миле Поп Јорданов, Миле Поп Јорданов за народ загина, за народ загина за Македонија, гласи една од пораките, на панихидите што ОК на ВМРО-ДПМНЕ ги одржува во Велес.

Миле Поп Јорданов е роден на Којник во Велес во 1879 година. Тој бил просветен деец, учесник во македонското револуционерно движење, секретар и војвода на ТМОРО. Во негова чест е испеана познатата народна песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, која е и официјална химна на градот Велес.

Миле Поп Јорданов (на велешки Поп Орданов) е најстариот син на Ѓошо и Султана Поп Јорданови од велешкото маало Којник. Покрај брат му Орце, Поп Јорданови имале и четири ќерки: Елена, Марија, Павлина и Олга. Павлина Поп Јорданова била омажена со братот на истакнатиот македонски револуционер и член на Гемиџиите, Павел Шатев.

                                                         Миле Поп Јорданов (цртеж)

Ѓошо бил голем трговец и чорбаџија, имал голем имот, работел трговија со кожа и риба. Иако бил син на чорбаџија, Миле Поп Јорданов не можел да гледа како народот страда под ропството. Миле и Орце биле под големо влијание на Француската револуција. Кај нив дома сите се служеле со францускиот јазик.

Еден од описите за Миле Поп Јорданов е: „Имал тркалезно бело лице, широк нос, сини очи и руса коса. Среден на раст, средно долги раце со дебели прсти. По карактер бил приказлив, весел, остроумен и шегаџија“.

На крајот од 19-тиот век, кога сите балкански држави се ослободиле, а само Македонија останала под ропство, браќата Поп Јорданови, гимназијалци, Орце во солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“ не можеле да се помират со таквата состојба. Како интелектуалци биле задоени со идејата за самостојна Македонија. Миле се школувал во битолската неполна машка гимназија и Духовната семинарија во Цариград.

Иако по желбата на неговиот татко е запишан на семинаријата во Цариград за да биде свештеник, Миле поради своите напредни идеи, својот бунтовнички менталитет и револуционерната активност бил исклучен од семинаријата. Се посветил на учителскиот позив во велешко Горно и Долно Чичево, како и во Дедино, Радовишко и други места.

Како активист во револуционерната организација, се вклучил во реонската чета која дејствувала во Радовишко и активно соработувал со Гоце Делчев. Бил секретар на четата на Алексо Поројлијата, но поради проневера, тој бил сменет и војводскиот чин Гоце Делчев му го дал на Милан Поп Јорданов.

Панихида за Миле Поп Јорданов во велешката црква

Откако се разболел со тројца комити се вратил од својата чета во Велес за да закрепне. Но, за жал, наместо да закрепне заминува од овој свет. Бил наклеветен од велешкиот шпион Тасе Коцкарот. Кога го известиле дека е предаден, ноќта со тројцата другари, низ велешките сокаци се обидел да го напушти градот. Откако ја минале реката Вардар, за да се продолжат кон Штип, кај општинското училиште имало поставено турски аскер при што дошло до жестока престрелка. Тогаш Миле Поп Јорданов наредил тројцата другари да се повлекуваат, а тој почнал сам да пука кон аксерот се додека имал муниција. Кога му останал последниот куршум, за да не падне жив во рацете на аскерот, си го одзема животот.

Турскиот командант наредил телото на мртвиот војвода да биде поставено на прометно место во Велес и секој што ќе го препознае да биде заробен. Сите кои минувале, знаеле што следува, па минувале со наведнати глави и молк, иако знаеле кој е убиениот. Но, една од сестрите на војводата вриснала кога го видела телото на својот брат.

Миле Поп Јорданов е погребан на гробиштата во црквата Свети Панталејмон во Велес. За време на мрачните комунистички денови, долги години гробот на Поп Јорданов бил оставен на забот на времето и заборавот. Но, во почетокот на 90-те години од минатиот век, на иницијатива и во организација на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес вечното почивалиште на војводата. Велешкиот комитет на оваа партија секоја година година организира панихида за овој македонски војвода и достоинствено му се оддава почит на велешкиот борец за слобода, кој својот живот го дал за својот намачен и поробен македонски народ.

 

Во негова чест е испеана и песната Болем ми лежи Миле Поп Јорданов, а според Коста Црнушанов, таа била создадена по смртта на јунакот, а според други, била испеана уште на неговиот погреб.

На 26 април 2006 година Советот на општината ја прогласи песната за официјална химна на Велес. Иако во песната се пее „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, тој загинал во борба. Имено, во најраната верзија се пеело: Бог да го прости Миле Поп Јорданов. Како ми е легнал, нема да ми стане. Зборовите од песната, исто така, се овековечени на надгробната плоча на Миле Поп Јорданов.

Како за раѓањето, така и за неговото загинување, според една друга верзија се случило во 1902 година, но не во септември, туку во декември. Сепак, едно е сигурно: македонскиот јунак Миле Поп Јорданов живеел и загинал со идејата за слободна Македонија.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија