(видео) НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Историски меч по кој Вардар стана првиот фудалски клуб што го освоил Купот во самостојна Македонија

/ 23.05.2023

Со гол во 88 минута од натпреварот, на 23 мај 1993 година, Вардар стана првиот македонски фудбалски клуб што го освои Купот на Македонија, што за првпат се организираше во самостојна и суверена Република Македонија, по распадот на тогашна СФРЈ.

За најтрофејниот македонски фудбалски клуб, кој оваа сезона за првпат испадна од Првата македонска фудбалска лига, во аналите на спортската историја на Македонија е запишано дека пред 20.000 гледачи на Градскиот стадион во Скопје, во финалниот натпревар за Купот, што почна во 20 часот, Вардар го победи Пелистер со 1:0, со голот на Жанко Савов во 88 минута.

За овој натпревар од фудбалската историја е запишано дека во битката за престижниот наслов, Вардар го совлада вечниот ривал, битолски Пелистер, а стрелец на единствениот погодок во самиот финиш од натпреварот беше Жанко Савов, кој во Вардар дојде токму од Пелистер.

По завршувањето на натпреварот, тогашниот претсетдател на Република Македонија, Киро Глигоров, му го врачи победничкиот пехар на капитенот на Вардар, Љупчо Марковски – Калц.

Тогашен тренер на Вардар беше Ѓоко Хаџиевски, а вардарци по осамостојувањето на татковината, во сезоната 1992/93 ја освоија и првата двојна круна на домашната фудбалска сцена.

Купот на Македонија, фудбалски турнир што го организира Фудбалската федерација на Македонија, за прв пат се одржал во самостојна Македонија во сезоната 1992/93 година. Победникот во купот добива право да се натпреварува во првото квалификациско коло на УЕФА Европа Лигата.

Обележје на најтрофејниот македонски клуб е навивачката група Комити, која е верна на црвено-црната боја на клубот и кога победувал големи противници, но и кога Вардар не блескал. Комитите уживаат углед како навивачка група не само во Македонија, туку и кај збратимените клубови во Европа, како што е германскиот Шалке 04. Вардар и Македонија се секогаш во срцата на најбројната навивачка група во земјава.

(Подготвил: Д.Г.)

Извештај од историскиот натпревар

Градски стадион во Скопје. Гледачи: 20.000. Главен судија: Гоце Попев (Скопје), помошници Ванчо Коцев (Штип) и Бранко Манојловски (Тетово).

Стрелец: Савов 88 минута за Вардар.

Жолт картон: Јовановски – Вардар.

Вардар: Филевски, Јовановски (Ангелов), Спасески, Садики, Костов, Марковски, Наумовски (Ефтимов), Тодоровски, Савов, Ќириќ, Милошевски.

Пелистер: Милошевски, Грозданов, Василевски, Канатларовски, Димов, Цветановски, Пресилски (Марковски), Т. Мицевски, В. Мицевски, Каранфиловски (Стерјов), Ставревски.


Од истата категорија