Целосен молк од институциите и по 16 часа од вчерашниот напад на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, нашите индиции говорат дека зад овој напад стои власта, а сценариото се спроведува од нивните инсталации, рече портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес конференција.
Како што веќе објавивме, синоќа беше нападнат штабот на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.
– Вчера се виде во право светло недемократското лице на власта и Зоран Заев, она реалното, неразубавено од милион шарени лаги и лажни очекувања. Во повеќе наврати се сака ВМРО-ДПМНЕ да се втурне во насилно сценарио позади кое стои интересот на власта да предизвика инциденти како за тоа би можела да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и да ја компромитира во противењето на договорот на Заев за промена на името на Република Македонија, рече Арсовски.
Тој истакна дека според нивни непотврдени информации на вчерашниот инцидент му претходела една средба пред неколку дена во едно познато скопско кафуле на која присуствувал еден градоначалник од редовите на СДСМ, еден многу близок вработен во кабинетот на друг градоначалник и неколкумина лица со дебело полициско досие.
– Според нашите неофицијални информации тие лица биле убедувани да се инфилтрираат на протестите за името и да предизвикуваат насилство за кое подоцна ќе се обвини ВМРО-ДПМНЕ се со цел да се прикаже за неконструктивна, насилна и да се деградира нашата борба против штетниот договор кој што го потпиша Зоран Заев во Преспа, велат од најголемата опозициска партија.
Арсовски додаде дека „за само 48 часа од оваа средба беше нападнат штабот на ВМРО-ДПМНЕ во стилот и со методи на шарената револуција на СДСМ“.
– Зад сето ова стои поголемо сценарио диригирано директно од Зоран Заев. Стануваме држава која насилство се спроведува од власта и власта се пресметува со опозицијата. Ова е за секаква осуда, но и ваквото насилство покажува дека власта и Зоран Заев се во паника затоа што знаат дека економскиот и политички пустош што го прави владата, народот не го одобрува. Заев е спремен и подготвен со сила и туѓи и невини жртви да ја брани власта и своите капитулантски одлуки, рече Арсовски.