Како Влада сме посветени на обезбедување на целосна транспарентност и точност пред јавноста и внимателно ги следиме сите институционални чекори кои треба да ги исполниме согласно законот, вели владината портпаролка Марија Митева.

-Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17.03 до 10.04 2025-та година изврши вкупно 297 надзори во однос на исполнување на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност. Надзори се вршат и кај угостителските објекти со пријавена дејност. Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност на 3.436.000 денари. Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност за оние кои вршеле дејност без лиценца или без исполнување на минимално техничките услови и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно законот за угостителска дејност, информира Митева.

Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца кај 17 се констатирани неправилности.

-Во меѓувреме, кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола, направени се контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски превидениот рок од 30 дена ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд. Останатите правни субјекти кои немаат активна лиценца или се со поднесено барање и не вршат дејност во моментов, се под постојан мониторинг и за истите ќе се превземат соодветни мерки согласно закон, посочи Митева.

Контролата уште е во тек.