Владата на 58-та седница ја измени и дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба, со што се овозможува ослободување од партиципација на осигурениците за здравствени услуги поврзани со КОВИД 19.

Дополнувањето дава и право на лекување од КОВИД-19 на државјани на соседните земји со кои Македонија нема склучено договор за социјално осигурување, а се затекнале во земјава.

-Со овие измени и дополнувања се предвидува ослободување од партиципација на осигурениците при користење на здравствените услуги поврзани со дијагностицирање и лекување на Коронавирусот и за овие одредби се предвидува примена со повратно дејство од 26.02.2020 година, бидејќи е поповолно за граѓаните, а согласно членот 52 од Уставот на Република Северна Македонија. Со предлог Уредбата се предвидува и правото на лекување од КОВИД-19 на државјаните на соседните земји со кои РС Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување, а се затекнати на територијата на РС Македонија, информира владината прес-служба.

Измените и дополнувањата на оваа уредба овозможуваат и шест месеци по престанокот на вонредната состојба да се овозможи пропишување и издавање на лекови без хартиен образец на рецепт, односно можност за електронско пропишување на лекови од Листата на лекови.