Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе оствари работна посета на Софија.

Целта на посетата, како што информираат од владината прес-служба, е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Македонија.

Премиерот и владината делегација ќе остварат работни средби со претседателот на Бугарија Румен Радев, со премиерот на Бугарија Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во Република Бугарија.

За посетата претходно информираа и од бугарската Влада.

Пред почетокот на седницата на бугарската Влада, премиерот Стефан Јанев соопшти дека утре во Софија ќе пристигне официјална делегација од Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, јави дописникот на МИА од Софија.

-Прашањата што ќе бидат разгледани се од исклучителна важност и за двете страни, истакна премиерот Јанев.

Тој изрази надеж дека практичните чекори што можат да се преземат меѓу владите на Бугарија и Македонија подоцна може да се рефлектираат во позиција што ќе биде разгледана во новиот бугарски парламент и да се бара трајно решение, што ќе биде во интерес на европската интеграција и перспектива на сите земји од Западен Балкан.

Информацијата за посетата на македонскиот премиер Заев на Софија ја пренесуваат сите бугарски медиуми.